ИЛО и митот за фер глобализација

Macedonian translation of "The ILO and the myth of “fair globalisation" By Luca Lombardi (May 12, 2004)

Во Февруари 2004, Меѓународната Организација на Трудот (ИЛО) објави извештај за глобализацијата – Фер глобализација: Создавање можности за сите (A Fair Globalization: Creating opportunities for all). Вреди да се прочита не поради содржината, која е прилично штура, туку поради тоа што графички го покажува ставот на организацијата кон работничкото движење. Исто така се покажува и колку е голема недовербата кон реформистичките лидери на синдикатите и левите партии во ОН и во нејзините агенции.

Прво, треба да се забележиме дека тн. „организација на трудот“ е многу чудна. Во комитетот (извршниот комитет) на ИЛО, фактички нема само синдикални туку и претставници на работодавците. Па така додека газдите имаат претставници во тело кое би требало да постои за одбрана на работничките права, ситуацијата не е реципрочна кога станува збор за дозволата на работничките претставници во управните тела на организациите на газдите. Може да си замислиме како газдите ќе реагираат ако работниците побараат да имаат свои претставници во меѓународните организации на капиталистичката класа!

Овој единствен факт ја определува формата и улогата на ИЛО. Таа е единствена организација на ОН која има некаква врска со трудот, а газдите се во управните тела! Во оние меѓународни организации каде се наоѓа вистинката моќ (како СТО или ММФ), нема претставници на трудбеничкото движење. Не им даваат ни место ни на најдесните про-бизнис синдикални лидери. Ова е добра репрезентација на буржоаската демократија воопшто: бескрајни собири на бескорисни поединци кои зборуваат колку фин може да биде светот, додека директорите на мултинационалните компании одлучуваат позади сцена за вистински важните работи.

Самата ИЛО ни предочува како навистина е во пракса: „Во свет составен од национални држави со огромни нееднаквости во моќ и богатства, неизбежно е дека земјите ќе имаат нееднакво влијание во меѓународните организации… развиените земји, со 15% од светската популација, сочинуваат 17% од гласачката снага во ОН, 34% во Меѓународниот фонд за земјоделски развој ИФАД и над 60% во Светската Банка и ММФ.“

ОН работи како и секоја берзанска компанија, каде големите акционери владеат, а другите „акционери“ безгласно гледаат. Имаме јасна слика за тоа кои од овие тела се најважни за капиталистите. Дури и најмалата и најслабата сила има право на збор во ОН. На крај се се сведува на муабети без вистинска моќ, како што јасно покажа последната војна во Ирак. Но, кога ќе дојдат прашања во ММФ или Светската банка тогаш послабите сили се деградираат до безмоќност.

Извештајот

 

Во целост извештајот е микс од мечти со малку податоци колку да се збуни читателот. Има и некои мрачни опсервации од вистинскиот свет, и се тоа безбедно измешано со идеологија на некој вид мек либерализам. Се е базирано на еден вид култ кон светото семејство, каде пазарот и државата, како светите родители, добиле чудесна ќерка наречена „глобализација“, чија цел е да шири среќа низ целиот свет.

Политичката улога на ИЛО е да предложи успорена верзија на глобализацијата, пријатна за нејзините критичари. Тие ја гледаат кризата на капитализмот и ги предупредуваат најбезумните зелоти (фанатици заб. прев.) на буржоаската идеологија дека се потребни некои поправки со цел да се избегне потполн колапс на системот. ИЛО тоа го толкува како обид „да се изгради фер и инклузивен процес на глобализација“. Нема ништо ново. Различните агенции на ОН од секогаш ги толкувале улогите на добар цајкан и лош цајкан. ММФ е неумитна во присилувањето на владите да ги изгладнуваат своите луѓе со цел да се платат долговите, додека ИЛО се обидува да го покаже успокојувачкото лице на „фер односи“, а не прави ништо конкретно да го постигне тоа.

Оваа поделба на трудот е неопходна, бидејќи „јавната дебата за глобализацијата е во безизлез“, т.е. на светското население му е преку глава од вистинските ефекти на глобализацијата и почнува да бара алтернатива. На овие луѓе ИЛО им објаснува дека „ние сме сигурни дека подобар свет е можен“, со тоа ја искривува познатата парола на анти-глобалистичкото движење. ИЛО дава преглед на нејзините идеи и како да се подоби ситуацијата така:

„фокусирање кон луѓето“ (зошто да не, но што значи тоа во свет кој го водат мултинационалните претпријатија?)

„демократска и ефективна држава“ (како истите оние што го направија Ирак крш?)

„одржлив развој“ (уште еднаш, пожелувано, но денес безначајно)

„продуктивни и правични пазари“ (како да е воопшто можно еден пазар управуван од гигантски корпорации да е правичен)

„фер правила“ (т.е. она што е потребно најсилниот да владее)

„глобализација со солидарност“ (да се даде парички на сиромавите да купат стоки од големите корпорации)

„поголема одговорност пред народот“ (како вештите спин-доктори во владата на Блер, неодамна)

„подлабоко партнерство“ (помеѓу коњот и јавачот)

„ефективни Обединети Нации“ (чија улога е да зборуваат многу, додека империјалистичките земји си права се што сакаат)

Листата од пусти желби нема никакво значење во реалниот свет. ИЛО тврди дека „потенцијалот за добро е присутен“. Да, потенцијалот постигнат со продуктивните сили е огромен, но под капитализмот тој води кон штетен вид на развој. Фактички, само неколку редови подолу може да се прочита: „виден од големото мнозинство на мажи и жени, глобализацијата не ги исполни едноставните и легитимни аспирации за пристојни работни места и подобра иднина за нивните деца“. Толку од споредбата на соништата и реалниот процес на глобализацијата!

ИЛО сака да има „пофер“ вид на глобализација со цел угнетените маси да престанат да се жалат, но не можат да објаснат зошто процесот се одвива по комплетно поинаков пат: „мерките за отворање на пазарите и финансиските и економските услови преовладуваат во однос на социјалните“, односно, капиталистичката класа владе со светот. Меѓутоа, ако ова е реалната ситуација, која е смислата на дискусиите околу т.н. „фер глобализација“? Треба да заклучиме дека тоа само параван зад кој продолжува бескрајната експлоатација.

Секако, како марксисти, ја подржуваме секоја демократска реформа, дури и најситната. Така се согласуваме дека „слободата на здружување и изразување“ и „силни претставнички организации на работниците“ се многу добри за работничката класа. Проблемот е што за буржоазијата овие мерки се добри се додека тие можат да продолжат да прават профити. Ако „демократскиот“ притисок на работниците, во кој е вклучен предизвикот кон нивните профити, стане премногу силен, буржоазијата ќе премине од формална демократија во диктаторство.

ИЛО исправно сугерира дека „е потребно да се прифати минимално ниво на социјална заштита како дел од социо-економскиот `под` на глобалната економија“. Но, од каде би доаѓале средствата за остварување на ова? Според ИЛО: „меѓународниот финансиски систем треба да се направи повеќе да го подржува одржливиот глобален развој“. Каква шега! Да се викнат ајкулите на финансискиот капитал да ги платат социјалните услуги е исто како да се очекува чумата да придонесе во здравствената нега.

Значи, големиот проект на ИЛО се сведува на барање мултинационалите корпорации да „прифатат претпазлив и постепен процес“ на глобализација. Тоа е суштината на улогата која таа ја има. Главните тела на ОН се како четирите јавачи на Апокалипсата: ММФ, Светска Банка, СТО и ИЛО. Тие сите имаат иста цел со различни средства. ИЛО само ги замолува другите да бидат претпазливи, да не избрзуваат многу, бидејќи притисокот врз работниците станува премногу тежок и се ризикува од револуционерни немири.

Како што рековме она што означува поимот „фер пазар“ кога работниците и малите бизниси ќе се соочат со гигантските корпорации е тешко да се каже. Ако има бокс помеѓу тешкаш - светски шампион и некое слабичко момче, дури и со најфер правила на светов, на крај сигурни сме дека момчето ќе биде масакрирано. Па, за каков вид фер игра може да стане збор помеѓу африканскиот селанец и гиганската компанија како Монсанто? За ова ИЛО известува преку некој што учествувал во нејзините испитувања, кој рекол „Разговорот помеѓу мачката и глушецот не е разговор“. Оваа реченица е подлабока од останатите 150 страни на целиот документ.

Мечтаење и стварност

 

Сржта на документот е секогаш иста: морално отфрлање на вистинската глобализација, апстрактно објаснување на она што треба да биде фер глобализација (класичен почеток на овие реченици е „во еден идеален свет…“), и потоа следат минорни предлози без некакво значење.

На пример: „Сегашната патека на глобализацијата мора да се промени. Премалку ги делат нејзините бенефиции. Премалку имаат удел во дизајнот и немаат влијание во нејзиниот курс… се согласивме за заедничката цел: фер глобализација која создава можности за сите. Ние посакуваме да ја направиме глобализацијата средство да се прошири човековата добробит и слобода и да се донесе демократија и развој“ (стр 2)

И повторно: „Нерамнотежата помеѓу економијата и општеството прави субверзија на социјалната правда… мнозинството од светското население не ужива во сопствеништвото и другите права… постои растечка поларизација помеѓу победниците и губитниците“ (стр. 3)

Повторно: „Има распространето чувство на нестабилност и несигурност“ (стр. 13) и на истата страница „додека луѓето фаворизираат отвореност и поврзаност помеѓу општествата, тие не се расположени околу прашањето за нивните работни места и приходи“.

Многи јасно. Работниците треба да се способни да уживаат во технолошкиот развој обезбеден во изминатите два века на капиталистичка експлоатација, само доколку тоа се стави на нивно располагање. Работата е што не им е ставен на располагање. ИЛО воопшто не дава индикација како тоа да се постигне и причината за ова е дека агенција на ОН не постои да им објаснува на работниците дека треба да ја освојат власта и да ги експроприраат капиталистите. Тоа е единствениот пат со кој средствата за производство – создадени од трудот на работничката класа – може да се стави на „располагање“ на работниците!

Нивните морали

 

ИЛО ги смета пазарните закони за „неопходна основа“ на економијата. Несреќа е за овие занесенеци дека истата таа „основа“ го уништува општеството. Затоа ИЛО е ставен во тешка ситуација да го брани капитализмот и истовремено да ги опишува ефектите врз општествениот систем. Затоа и документот одвоил толку многу простор на етиката. На крај, етиката во овој контекст е ефтина, но да се додеде и, длабоко неупотреблива:

„Глобализацијата се разви во етички вакуум, каде пазарниот успех и пад станаа конечен стандард на однесување и каде ставот дека „победникот зема се“ (“the winner takes all”) ја урива врската во комуникациите и општествата“.

Но што е етика ако не „стандард на однесување“? Се зависи од твојата класна гледна точка, бидејќи такви се стандардите во капиталистичкото општество. Не е точно дека глобализацијата постои во вакуум на етиката. Таа постои во рамките на етиката на газдите, стандарди поставени од капиталистичката побуда за профит. Она што е точно е дека овој вид на „морален стандард“ е нечовечен.

Податоците

 

Документот не е богат со конкретни информации, т.е. вистински податоци, бидејќи истите ќе противречат на политичките заклучоци кои се обидува да ги извлече ИЛО. А, зошто да се расипе таквата убава приказна со такви додатни детали како конкретни податоци или вистински факти? Покрај ваквиот општ приод, сепак се среќаваат некои податоци. Жално што и тие не им помагаат.

На пример: „во Источна Азија, за една декада растот ги извлече од сиромаштија над 200 милиони луѓе.“ Добро, но каде живеат тие 200 милиони луѓе? Речиси сите се од Кина. Што е со улогата на „работниците“ и „демократските“ права за зголемување на растот? И што е со улогата на „неопходната основа“ на економијата – законот на пазарот? Во Кина предводник е државата. Додека азиските „тигри“ потонаа под притисокот на финансиската нерамноежа во 1990те, Кина ја преживеа бурата релативно негибната поради важната улога на државата и фактот што земјата нема посериозни функционални капитал-пазари.

Во меѓувреме „во супсахарска Африка и латинска Америка, повеќе луѓе живеат во сиромаштија при крајот на 1990те отколку во почетокот на декадата“. Тоа заради политиките спонзорирани од ММФ, проектите „против сиромаштија“ на Светската Банка итн. А за предворјето на империјализмот на САД: „во Латинска Америка … реалните плати на неквалификуваните работници имаат тенденција на пад“.

И така колку повеќе потклекнуваш на „Вашингтонскиот консензус“, т.е. на ММФ, толку посиромашно е твоето население. Но, повторно зошто да ги заморуваме луѓето со овие конкретни податоци кога може да им ја раскажеме забавната приказна за пазарот и неговите волшебни својства? ИЛО тврди дека „отворениот пазар денес општо е признаен за неопходна основа на развојот, растот и продуктивноста“.

Податоците во документот јасно покажуваат дека единствената земја која подигна значителен број на население од сиромаштија во 1990те (Кина) не е стандардно капиталистичка, туку земја со голема и моќна држава, независна од ММФ и која нема вистински капиталистички пазари. Но кога ИЛО ги извлекува политичките заклучоци од податоците, ги советува сиромашните земји да појдат по спротивниот пат и ги прекинат сите врски со државната контрола или државниот интервенционизам. Да, ИЛО, патем, е приморана да признае дека Индија, Кина и Виетнам се прилично добри поради тоа „што не ги следеа ортодоксните либерализирачки стратегии“, но, на самиот крај, советот за другите „земји во развој“ е да не се следат тие луди луѓе иако тие успеале во некој степен да ги развијат своите стопанства.

Ние не тврдиме дека Кина, Индија или Виетнам ја елиминираа сиромаштијата. Напротив огромното мнозинство на население живее во ужасни услови, се случува и екстремна поларизација, со два екстрема: големо мнозинство живее во сиромаштија и малцинство кое го акумулира богатството во свои раце. Но ние забележуваме дека во овие земји има одреден степен на развој и дека тоа значи дека делови на населението се подигнаа над општото ниво на сиромаштија. Поентата е дека во сите три земји (иако со различно искуство) државата има важна улога во економијата.

Капиталистите тоа го признаваат, посебно на Кина. Додека капиталистите секогаш ја напаѓаат „злобата на комунизмот“, `чумата од пеколот`, тие се среќни ако вложат во „комунистичка“ Кина колосални количини на инвестиции, бидејќи се сигурни дека ќе направат профити преку ужасната експлоатација на кинескиот пролетеријат. Со тоа се покажува дека во основа глобализацијата значи ослободување на меѓународниот капитал за да ги експлоатира работниците од секоја земја. Тоа повлекува енормен раст на светската трговија. Како што кажува документот „светската трговија се прошири рапидно за последниве две декади. Од 1986 таа постојано расте со поголема стапка од светскиот бруто домашен производ“. Дури повеќе од растот на светската трговија расте извозот на капитал.

Патем, растот на двете во 1990те беше концентриран во Кина и нејзините трговски партнери, Тајван, Хонг Конг и остатокот од југоисточна Азија. Огромниот пораст на СДИ (странски директни инвестиции) е најдобра демонстрација како се развива империјализмот. Во 1980те СДИ беа незначаен процент во БДП, но по колапсот на сталинизмот тие доживеаа огромна експанзија. ИЛО објаснува дека во 1990те имало голем процес на дерегулација на финансиските пазари, каде секоја недоволно развиена земја се обиде да го реши безизлезот со привлекување на СДИ. Бидејќи оваа трка на стаорци нема крај, тоа значеше уништување на сите форми на контрола на протокот на капитал. Последиците се многу познати: мексиканскиот слом, потоа „падот на тигрите“ во 1997, потоа Русија, потоа Бразил, а неодамна Аргентина.

Сепак, вреди да се спомне дека 30% од севкупните СДИ во 1990те отидоа во Кина (сега овие бројки се доста повисоки). Тоа е доста чудо ако имаме предвид дека Кина не ги либерализира капитал-пазарите воопшто. Така, капиталистите, додека ги проповедаат доблестите на дерегулацијата, гласаа со нивните пари за најрегулираната економија од сите нив. Со тоа се покажува дека едноставно не е точно дека дерегулацијата му помага на растот, оти и самите капиталисти тоа го сфатиле кога ги движат нивните пари околу светот.

Во врска со дерегулацијата на финансискиот систем ИЛО изјавува: „За либерализацијата на капитал сметката постои голема согласност дека бенефициите од растот изведени од неа се мали.. финансиската отвореност исто така водеше до разместување на изворите и зголемување на реалната цена на капиталот… финансиската отвореност ја ограничи можноста за примена на контра-цикличната макроекономска политика…“.

Сигурно дека растот на дотокот на СДИ, и општо финанскиските пазари, е запрепастувачки. ИЛО ги наведува податоците од пазарот на меѓународни обврзници. Од 1990 до 2002 тоа порасна за 5 пати (нешто околу 40% годишно). Во исто време, светската економија порасна за десетинка од оваа бројка (а растот на БДП по жител беше само 1% годишно). Всушност како што објаснува ИЛО: „од 1990 глобалниот раст на БДП беше помал од претходните декади“. Според тоа како е можно реалната економија да расте одвај додека финансиските пазари отидат кон небото? Добро, едноставно е. Финанскиските пазари не се поврзани со „економијата“ туку со профитите. Бидејќи глобализацијата значи енормен пораст на експлоатацијата на постојано побројните работници, „инвеститорите“ се веселеа на овој процес со надувување на еден по друг балон (bubble). Како може да се вметне „фер однос“ во овој монструм на Франкенштајн, ИЛО не може да објасни.

Напротив, присилена е да признае: „Тешко е да се процени влијанието на глобализацијата врз сиромаштијата. Бројот на луѓето кои живееле под линијата на апсолутна сиромаштија низ светот се намалила значајно од 1,237 милиони во 1990 на 1,100 милиони во 2000. Сепак, повеќето од овој напредок е направен само во две земји Индија и Кина… во супсахарска Африка, Европа и Централна Азија и Латинска Америка и Карибите, сиромаштијата се зголеми“.

Се чини дека само стопанството со силна јавна сопственост, дури и труло како во Кина, може да го избегне нередот произведен од глобализацијата. Но ИЛО инсистира: „Редукцијата на улогата на државата што се случи во светот често била посакувана, но во многу случаји брзината беше преголема“. Уште еднаш, заклучокот не е конзистентен со податоците кои го потрвдуваат спротивното. Да бидеме фер, ИЛО сепак подвлекува дека слабеењето на државата отишло премногу, но точно за која држава тие зборуваат? За Соединетите Држави? Реално, процесот на глобализација ги ослабе државите на поранешните колонијални земји што сега се уште поголеми марионети на големите корпорации.

 

Нееднаквост

Глобализацијата ја донесе сиромаштијата и нееднаквоста преку дивјачките напади на животниот стандард на работничката класа. Таа провоцираше колапс на социјалните услуги дури и во најразвиените земји. Во документот се објаснува дека од 1960те односот на доходот пер капита на најсиромашните врз најбогатите земји пораснал од 54 до 121 пати, додека доходот пер капита на најсиромашните земји пораснал само за 0.6% годишно.

Но нееднаквоста се влоши и во самите развиени земји: „Нееднаквоста во доходите порасна во некои индустријализирани земји… поочигледно е острото зголемување на уделот на врвните 1% заработуачи на доход во САД, Обединетото Кралство и Канада. Во САД уделот на оваа група достигна 17% од бруто доходот во 2000, ниво кое било постигнато во 1920те“.

На пример, односот на 10% највисоко платени работници и 10% најниско платени работници помеѓу средината на 1980те и средината на 1990те порасна за 15% во Италија, 35% во Британија и 37% во САД.

Глобализацијата исто така значеше и промена во фискалната политика „Глобализацјата влијаеше на јавните финансии… Во 30те најбогати земји на светот просечното ниво на корпоративниот данок падна од 37,6% во 1996 на 30,8% во 2003, додека врвната маргинална даночна стапка на персоналниот доход опадна во повеќето од земјите“.

И конечно, глобализацијата значење колапс на работничката сила за спогодби: „Влијанието на синдикатите во богатите земји е под притисок на зголемената глобализација… традиционалниот противтег на моќта на бизнисот ослабе, и национално и глобално“.

Сега знаеме како се пополнил „етичкиот вакуум“. Буквално тој се пополни со потта и крвта на милиони и милиони работници.

Предлози

 

ИЛО признава дека глобализацијата каква што е сега е во збрка. Затоа предлага некој вид на претпазлив кејнезијанизам со цел да се забави процесот на глобализација и укинувањето на државата на благосостојба. Нивната логика е дека ако работниците гладуваат, тие нема да можат да бидат правилно експолатирани. Во документот на ИЛО се наведува дека „да се земе `возвишениот пат` на соработката на бизнисот и работниците да се постигната поефикасни резилтати и да се одбегнува `нискиот пат` на смалување на трошоци и затворање на работните места“. На ова прашање, ИЛО дури благо ги критикува другите агенции на ООН. Прво, ИЛО признава дека правилата на СТО се длабоко расипани во корист на богатите земји, т.е. нивните мултинационални компании и ја објаснува реалноста на нееднаквата размена: „Многу земји во развој и најмалку развиените земји сеуште зависат од земјоделските стоки за повеќе од половина од нивните приход од извоз. Сепак, од 1980 до 2000, светските цени на 18 главни извозни стоки реално паднаа за 25%“.

Имајќи предвид дека ИЛО признава дека финансиските пазари се силно зависни од големите компании на Г7 и дека финансиските кризи имаат ужасни социјални цени, дури се проповеда нешто слично на Тобиновиот данокот, и е на страната на „претпазливи стратегии спрема либерализацијата на капитал-сметката“.

Што се однесува до ММФ и Светската Банка, ИЛО вели: „Во многу сиромашни земји, повеќето во Африка, надворешниот долг сеуште е на неодржливо ниво. Помеѓу 1990 и 2001, надворешниот долг како процент од бруто домашниот приход порасна од 88.1% на 100.3% во сериозно задолжените земји“.

Секој кој се однесува на ваков начин вообичено се дефинира како криминален лихвар – или „кредитни ајкули“ – и ќе бидат ставени во затвор. Но, на светскиот пазар тие се нарекуваат „ММФ“, Светска Банка, Дојче Банк итн, живи се и здрави, и се сметаат за многу угледни институции.

Соочени со толку драматична ситуација предлозите на ИЛО во документот се зафрканција. Зборува за повеќето права на работниците за се организираат после описот на колежот на илјадници синдикалисти секоја година, зборува за улогата на кооперативите, што сега имаат 880 милионско членство ширум светот, после објаснувањето за безмилосната доминација на големите корпорации. Сепак, овој вид на мини Њу дил предложен од ИЛО треба да биде финансиран. Но од каде треба да дојдат парите за овој план?

Документот убаво вели дека ОН имаат „јадни извори“ на располагање и затоа не може да се носат со задачата. Па, од каде парите? ИЛО објаснува дека вкупните трошоци за војската во 2001 се проценети на 839 милијарди. На овој основ тие бараат редукција за 5% на воените трошоци и тие да се пренасочат на социјални програми. Но Буш и останатите не се расположени многу на ваков вод на „редистрибуција“. Напротив тие енормно ги зголемуваат воените трошоци. Затоа ИЛО има план Б: „приватни филантропски иницијативи на фондации и богати индивидуи“. Е, тоа е стварно добра идеја. Ајде да ги молиме богатите за некој долар, да ги молиме истите кои ја создадоа збрката. Така тие влади кои енормно го намалија оданочувањето на богатите – политика со која се сосекоа јавните услуги – сега би требало да почната да молат за некој џепарлак со цел да се избегне гладувањето на поголемиот дел од светското население. Тоа е нешто слично како оние „културни крадци“ кои ќе ти ги украдат парите од новчаникот но имаат доблест да ти го врата празен.

Кога ќе се соголи целата празна фразеологија, тоа е вистинската суштина на финалниот заклучок на докуменот на ИЛО. Не е важно што милиони гладуваат, додека големите корпорации печалат пари, не е важно што се одземаат работничките права и колабираат животните стандарди насекаде. Само пријди му на газдата и моли, и глобализацијата ќе стане „фер и инклузивна“ каква што може да биде.

Така, планината на ИЛО навистина роди глушец. ИЛО не може да стори ништо подобро, затоа што е тело на светскиот капитализам. Таа е тука за биде корка за утеха на работниците. Проблемот е што многу синдикални водачи – de facto бирократи – продолжуваат да го одржуваат митот дека ИЛО е вистинска организација за одбрана на работничките права. Да, постојат „стандарди на ИЛО“, те. минималните права на работниците што секоја земја потписничка на ИЛО мора да ги почитува. Но ИЛО никогаш не направила овие стандарди да се почитуваат.

Работниците во сите земји имаат права до оној степен до кој се изборило работничкото движење и за кои постојано се бори. Во некои случаи (ИЛО - заб. на прев.) интервенира да се притиснат режимите, како Турција или Иран. Турција формално е членка на ИЛО, но турските работници во стварноста ги немаат истите права како и многуте европски работници, на пример. Во Иран ИЛО се занесува со идејата дека може да основа некој вид на сојуз. Бидејќи нема алтернатива може во некој степен и да успее во формирањето на сојуз. Ако такво нешто се случи несомнено многу работници ќе се придружат. Но тие ќе се придружат затоа што им треба сојуз за борба за подобри плати и услови. ИЛО интервенира бидејќи се плаши од експлозија од долу, која може да ги надмине границите на капитализмот.

Затоа улогата на ИЛО е да обездеди канал за работниците, но канал со граници. Како и секогаш, ИЛО останува во тесните рамки на „пазарната економија“. На таа основа не може да пружи долготрајно решение на проблемите на работниците.

Целта е да се дозволи основање на умерени синдикати кои ќе се обидат да ја задржат работничката класа под контрола и да ги спречат работниците да отидат вон рамките на капитализмот. Како дел од таквата улога е овој документ насловен како Фер глобализација: Создавање можности за сите (A Fair Globalization: Creating opportunities for all). Ова е иделошка позаднина на „модерирачката“ улога во рамки на движењето. Таа не е вистинска организација за промена. Не може ни да биде. Единствениот начин да одбрана на работничките права е преку борбата на самата работничка класа.

12 мај 2004